
Струга сака три од три, Работнички оди да се надигрува крај Охридското езеро!
Работнички по ремито во Кавадарци во првото коло, доживеа пораз на домашен терен од Башкими. Тимот на Бојан Марковски стартуваше лошо, но тој верува дека имаат квалитет и наскоро ќе го покажат.
„Не бевме на потребното ниво против Башкими. Создадовме шанси, но не ги реализиравме, а противникот искористи два моменти на невнимание во нашата одбрана. Ги анализиравме грешките, ќе се обидеме да не ги повториме и се надеваме на многу подобар натпревар против Струга Трим Лум. Противникот е еден од најквалитетните тимови во лигата, но Работнички мора да го покаже својот потенцијал и квалитетот, што уверен сум дека го поседуваме, токму на вакви дуели. Одиме да се надигруваме и се надеваме на позитивен исход“, изјави Бојан Маркоски, за сајтот на ФФМ.
Струга е фаворит во денешниот дуел со кој се отвора третото коло. Фудбалерот од средниот ред на стружани, Бесмир Бојку се надева на трет триумф по ред.
„Би било убаво да имаме „три од три“ после Работнички. По двете победи, атмосферата во тимот е одлична, работевме напорно изминативе неколку дена и го анализиравме Работнички. Не треба да се залажуваме, тие се одличен тим, со неколку навистина квалитетни индивидуалци, но и ние имаме верба во својот тим и посакуваме да ги освоиме трите бода. Ќе биде тежок натпревар, ќе дадеме се од себе и се надеваме дека со помошта од публиката ќе успееме да стигне до посакуваниот резултат“, вели Бесмир Бојку.