
Вардар нема да ја потцени Брера, струмичкиот тим сака без пораз да си оди од Скопје!
Вардар по првите два меча има две победи, Брера исто толку порази. Црвено-црните се голем фаворит и се освен нивна победа би било големо изненадување.
И покрај тоа што вардарци се големи фаворити, голманот Давор Талески вели дека не смее да се потцени Брера.
„Не смееме да го потцениме тимот на Брера. Тоа не смее да се случи и покрај лошото отворање на сезоната од страна на Брера. Ние одиме од натпревар во натпревар. Добро одигравме во првите две кола, но тоа не смее да не опушти. Мора максимално да се фокусираме, да влеземе многу сериозно во мечот и да бараме победа. Имаме добра низа на резултати и ќе се обидеме серијата да трае. Наша цел е титула и затоа секој меч ни е важен. На тој начин и се подготвуваме“, изјави пред вечерашниот дуел со Брера, голманот на Вардар, Давор Талески за сајтот на ФФМ.
Од Брера и покрај лошиот старт на сезоната, се надеваат дека токму против Вардар работите ќе се променат за нив и ќе ги освојат првите бодови.
„Ги оставаме зад нас двата порази и се фокусираме на следниот дуел. Вардар е квалитетен тим, го покажа тоа на почетокот на првенството со две победи, а ние сме во спротивна ситуација. Но, тоа не значи и дека ние лесно ќе се предадеме или дека немаме шанси да освоиме бод или три. Сите посакуваме да ‘проработиме’ токму против Вардар, да одиграме квалитетен меч и да останеме непоразени. Работевме напорно овие неколку дена, го анализиравме ривалот и сигурно дека ќе се надигруваме на нашиот најголем стадион“, вели играчот од средниот ред на Брера, Миле Тодоров.