Бугарите плачат: Лошиот терен во Скопје е причина за поразот на Лудогорец!

Тренерот на бугарскиот тим Лудогорец, Руи Мота, по синоќешниот пораз на гости кај Шкендија (1-2), ја истакна состојбата на теренот како главен фактор што ја нарушил играта на неговата екипа.

Според него, бугарскиот тим започнал добро и дури повел со гол, но лошиот и нерамен терен го спречил Лудогорец да го наметне својот стил на игра.

„Состојбата на теренот не беше добра и тоа многу влијаеше. Кога ја задржувавме топката предолго, Шкендија добиваше шанса да изведува брзи контри“, изјави Мота.

Тој додаде дека иако играчите биле подготвени за условите, често губеле топки, што им овозможило на домаќините да ја искористат својата брзина и да се закануваат преку долги додавања. Сепак, Мота нагласи дека теренот не смее да биде оправдување за поразот.

„Мораме да играме подобро и да сме посигурни во сите делови од играта“, додаде Португалецот.

Реваншот од овој двомеч од плејоф-фазата за пласман во Лигата на Европа е закажан за следниот четврток во Разград.