Македонските таленти ја распарчија Црна Гора – четири гола за Емини!

Македонската фудбалска репрезентација до 16 години дојде и до втората победа во пријателските натпревари против Црна Гора, откако денеска славеше со убедливи 5-0 во меч одигран на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Најзаслужен за убедливиот триумф беше Медин Емини, кој постигна дури четири погодоци. Тој го отвори резултатот во 22. минута по асистенција од Адеми, а само пред паузата ја удвои предноста. По само пет минути игра во второто полувреме, Емини стигна до хет-трик, а во 61. минута, по одземена топка, ја затресе и празната мрежа на гостите за својот четврти гол. Конечниот резултат го постави Стефан Ристиќ во 77. минута, реализирајќи по одличен продор на Крстевски.

И покрај бројните измени во стартниот состав направени од селекторот Исејни во однос на првиот меч, младата селекција уште еднаш беше убедливо подобра и заслужено стигна до втора победа, откако претходно славеше со 3-0.