Беќири: Шкендија нема што да загуби, притисокот е врз Карабах!

Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири се надева дека неговите фудбалери ќе одиграат подобро отколку во Скопје против Карабах и на крајот тие ќе се радуваат на конечниот резултат.

Македонскиот шампион Шкендија утре (вторник) го игра реванш натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите против Карабах. Противникот има водство од 1-0 по мечот одигран во Скопје.

„Многу е важно да разбереме дека немаме што да загубиме во ваква ситуација, по поразот во првиот натпревар. Најважно е да влеземе добро во натпреварот и да се потрудиме со сите сили. Треба да бидеме организирани и агресивни во напад, ама и да се браниме добро. Се надеваме на добар перформанс и дека ќе бидеме тимот кој на крајот ќе се радува“, рече Беќири на денешната прес-конференција.

„Мислам дека во првиот натпревар не бевме најдобро подготвени на физички план, а респектот кон Карабах особено во првиот дел беше пресуден. Верувам дека тоа беше еден од факторите кој го реши дуелот во Скопје. Примивме „случаен“ гол и квалитетни екипи како Карабах тоа знаат да го казнат. Исто така имавме свои шанси, ама не ги искористивме. Не бевме на нивото на првиот натпревар. Најважно за нас е дека резултатот е активен и мора да имаме верба дека ќе одиграме подобро тука. Сакам да верувам дека ќе бидеме опасни по домаќинот, бидејќи психолошкиот притисок ќе биде на страната на Карабах“.

На прес конференцијата зборуваше и искусниот играч за врска, Камер Ќака.

„Нè очекува многу тежок натпревар, ама имаме надеж во пресрет на реваншот. Верувам дека ќе имаме добар перформанс против квалитетен ривал, а Бог ќе не награди со победа. Фудбалот е тимска игра, а ние поседуваме одличен колектив. Влегуваме во секој натпревар со мислите кон победа. Така размислуваме сите, не само јас. Ќе биде навистина огромен предизвикот, ама нашата цел е да извојуваме позитивен резултат“, изјави Ќака.

Натпреварот меѓу Карабах и Шкендија е утре (вторник) со почеток од 18 часот.