Тиквеш потпиша со фудбалер кој имал клуб само една година во последните четири!

Тиквеш денеска како ново засилување го промовираше Нигериецот, Сандеј Алими кој не се изнаиграл фудбал во последните четири години.

Се работи за офанзивен фудбалер кој игра на сите три позиции во нападот, а најприродна му е десната крилна позиција.

Но, статистиката на „Трансфермаркт“ за овој фудбалер покажува дека Сандеј Алими едвај играл фудбал во изминатите години.

Откако во јуни 2021 година му завршил договорот со Ешкишехирспор, тој без клуб бил се до 1 јули 2022 кога ставил потпис на договор со Кавала од Грција.

Во грчкиот клуб бил само шест месеци, во јануари наредната година добил шут карта, па немал клуб дури до јули 2024 година. Тогаш потпишал за нигерискиот клуб Шутинг Старс.

Иако Шутинг Старс е клуб од Нигерија, Сандеј Алими и таму се задржал само шест месеци, заминал од клубот на први јануари 2025 година.

Бил слободен играч цела полусезона, а сега потпишува договор со Тиквеш. Можеби кавадаречкиот клуб знае нешто повеќе од она што може да се прочита преку историјата на фудбалерот па го ангажира како сериозно засилување. Времето ќе покаже.