
Конечно и во македонскиот фудбал: ФФМ го промовира ВАР системот
Вкупно три ВАР соби, сервер и контролна просторија се веќе направени по стандардите на ФИФА. Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, заедно со Дејан Јакимовски, ВАР проект лидер и Јосип Бартон, претседател на комисија за делегирање на судии ги споделија деталите за имплементацијата на ВАР. ФФМ заедно со ВАР системот обезбеди и репортажно возило кое ќе може да се користи за ТВ пренос на натпревари.
„ВАР системот во Македонија конечно стана реалност. Горд сум на тимот во федерацијата кои 24/7 работеше на овој проект. Ја набавивме целосната потребна технологија, имаме три модерни соби и контролна просторија. За овие три месеци направивме огромна работа. На многу поголеми федерации од нашата им беше потребен многу подолг период за да го спроведат ВАР системот. Затоа ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание, не им се веруваше дека за толку кратко време ќе успееме да го реализираме овој голем проект“, рече Омерагиќ.
Македонските судии претходниот период беа обучувани како да го користат новиот систем и тие ќе бидат ангажирани за натпреварите од домашното првенство. Засега ВАР е имплементиран на сите стадиони, со исклучок на Чаир поради што Шкупи не доби лиценца да игра на својот терен.