Брера за нов спортски директор избра поранешен репрезентативец

Од редовите на Брера денеска го потврдија назначувањето на Зоран Балдовалиев за нов спортски директор.

Балдовалиев кариерата како фудбалер ја заврши пред четири години, а негов последен клуб беше Дрита од Боговиње, но зад себе има големо искуство и го носеше дресот на повеќе клубови во Македонија и странство.

Кариерата ја започна во Беласица, подоцна го носеше и дресот на Академија Пандев (денешна Брера) па за него ова е враќање во поранешниот клуб.

Своевремено беше и репрезентативец на Македонија и националниот дрес го носеше на 11 натпревари во кои постигна два гола.

,,Се заблагодарувам на раководството за укажаната чест да бидам спортски директор. Ќе се потрудам да дадам свој ангажман во остварување на целите на АП Брера Струмица за оваа сезона како што е овозможување услови за квалитетна работа и професионален развој на секој фудбалер во клубот со подобрување на нашата спортска инфраструктура по добивањето терени во Градско Балдовци . И понатаму како приоритет ни остануваат нашите младински школи кои имаат одличен потенцијал.

Она на што ќе работиме во иднина е мобилизација на струмички деца и градење на силна врска со локалната средина. Целта е да создадеме наши струмички фудбалери кои ќе играат во прва екипа со можност за кариера и во други клубови. Тоа не значи дека во втор план е сениорскиот состав на Брера кој ги започна подготовките во кој донесовме неколку засилувања“, изјави Балдовалиев