И Австрија е пресилна за македонските млади кошаркари!

Втор меч, втор убедлив пораз на кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години на Европското Б првенство кое се одржува во Ереван, Ерменија, овојпат загубивме од Австрија со 79-58.

Момците на Горан Самарџиев добро го отворија мечот, ја добивме првата четвртина со 13-12, се чинеше дека сме рамноправен противник и ќе се бориме за победа на овој натпревар. Но, работите се променија во вториот период кој го загубивме со 18-8, на одморот заминавме со негатива од 30-21.

Во вториот дел не успеавме да се вратиме, Австријците ја зголемуваа предноста и на крајот славеа убедлива победа со 79-58.

Стојковиќ со 15 поени беше најефикасен во нашата репрезентација, имаше и 12 скокови, Луканоски реализираше 14 поени и девет скока, двоцифран беше и Ќириловски со 11 поени.

По две одиграни кола во групата Ц, Македонија е последна и единствена без победа.

Следниот натпревар го играме веќе утре против селекцијата на Грузија со почеток од 14 часот.