Македонија по јунскиот блесок скокна пет места на најновата ранг-листа на ФИФА!

Гостинскиот триумф против Казахстан (1-0) и ремито на домашен терен против фаворизираната Белгија (1-1) на фудбалската репрезентација на Македонија ѝ донесе скок од пет места на најновата ранг-листа на ФИФА.

Жолто-црвените сега се на 62. позиција меѓу најдобрите светски селекции, со што, на пример, ја прескокнавме соседна Албанија, која настапи на ЕП 2024 во Германија и која сега е на 68. позиција во светот. На најновата листа нема промени меѓу Топ 5 селекциите, со оглед што Аргентина останува лидер пред Шпанија, Франција, Англија и Бразил. Португалија има скок од една позиција и моментно е на 6. место, пред Холандија, Белгија, Германија и Хрватска.

Следен предизвик за четата предводена од селекторот Благоја Милевски е дуелот со Лихтенштајн закажан за во септември на домашен терен.