Савичевиќ откако поминал на црвено: Јас сум Бог, за мене не важат законите!

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, Дејан Савичевиќ, синоќа бил уапсен од црногорската полиција поради серија сообраќајни прекршоци, меѓу кои и претекнување преку полна линија и пречекорување на дозволената брзина.

Тој одбил и да направи алкотест, по што му била изречена парична казна во износ од 1.000 евра и бил пуштен на слобода. Овој инцидентот, пак, повторно го стави во фокусот на јавноста најконтроверзниот случај поврзан со легендарниот фудбалер на Црвена звезда и Милан, кој се случил во 2004 година. Савичевиќ тогаш со голема брзина поминал на црвено светло, а потоа одбил да застане на повикот на полицијата. Кога службите дошле на неговата адреса, тој не сакал да ги пушти внатре, а тогаш ја изговорил и изјавата која до ден-денес предизвикува реакции.

„Јас сум Бог, за мене не важат законите“, изјавил тогаш Савичевиќ, кој за инцидентот бил казнет со 700 евра.

Легендарниот фудбалер неодамна доби поддршка од 40 од вкупно 41 присутни делегати за функцијата претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора.

ФОТО: EPA PHOTO