Легендарните „Оејзис“ му оддадоа почит на Диого Жота со песната – Живееш вечно (ВИДЕО)

Британската рок група „Оејзис“ синоќа го одржа првиот концерт по речиси две децении, настапувајќи пред 75.000 фанови на распродадениот стадион во Кардиф, кој беше одбележан со трогателна почит за трагично загинатиот фудбалер на Ливерпул, Диого Жота.

Во емотивниот момент при крајот на концертот, за време на изведбата на „Live Forever“ (Живееш вечно), на големиот екран се појави фотографија од Жота, а публиката одговори со долг аплауз и солзи.

Групата „Оејзис“ почна да свири заедно во 1991 година, а се распадна во 2009 поради тензии меѓу браќата Ноел и Лиам Галагер. Сепак, повторното обединување за оваа турнеја предизвика огромно внимание и воодушевување кај обожавателите ширум светот. На концертот беа изведени 23 песни, меѓу кои најпознатите хитови на бендот. Тие и вечерва ќе настапат во Кардиф, а сите билети се веќе распродадени. Турнејата продолжува низ Велика Британија, Ирска, САД, Азија и Австралија, со вкупно 41 концерт закажан до крајот на годината.