
Скандал во Словенија: Фудбалер на Хајдук се степал со обезбедувач – му скршил заб!
Според извештаите, инцидентот се случил во ноќта помеѓу вторник и среда, околу еден часот по полноќ. Тој , наводно, го удрил обезбедувачот во лицето, по што тој паднал во несвест, се здобил со гребаници и скршен заб. За случајот е информирана и полицијата, која потврди дека едно лице од обезбедувањето и еден член на Хајдук претрпеле телесни повреди, а се води постапка против две лица под сомнение за кривично дело.
Инцидентот започнал кога група од околу 15 членови на Хајдук напуштале локално кафуле, кога тројца обезбедувачи, ангажирани од општина Блед поради претходни инциденти, наишле на групата и ги предупредиле за нарушување на јавниот ред и мир. Иако вработени во локалот тврдат дека фудбалерите не се однесувале проблематично, ситуацијата наводно ескалирала по тоа предупредување. Компанијата за обзбедување соопшти дека еден нивни вработен бил нападнат на „лицемерен и подмолен начин“, по што лежел без свест на земја додека, како што тврдат, бил удиран со нозе од повеќе лица и најави поднесување кривични пријави против одговорните.
Хајдук, пак, остро ги демантираше обвинувањата. Во писмено соопштение за словенечки портал (24ur.com), клубот наведува дека нивните фудбалери и стручниот штаб се вратиле во хотелот по заедничка вечера, каде што биле неиспровоцирано нападнати од тројца обезбедувачи. Според клубот, инцидентот се случил поради музика од пренослив звучник, која веднаш била исклучена, но, тврдат, обезбедувачите продолжиле со агресивно однесување што довело до краток вербален судир што траел помалку од една минута. Од друга страна, обезбедувачите негираат дека провоцирале, тврдејќи дека нивната реакција била одговор на напад без причина.
Ситуацијата предизвика остри реакции од двете страни и додека обезбедувањето најавува правни чекори против напаѓачите, Хајдук исто така најавува тужби против, како што велат, „непрофесионалното и агресивно однесување“ на обезбедувачите.
ФОТО: EPA PHOTO