
Трамп ѝ направи проблеми на ФИФА – никој не знае како Иран ќе настапи на СП 2026!
Кратката војна и долгогодишните затегнати односи меѓу Иран и САД, го прават учеството на оваа азиска селекција повеќе од проблематично со можни сериозни организациски, безбедносни и дипломатски компликации. Властите во САД имаат забрана за влез во државата за ирански државјани, но постои правен механизам за исклучоци во „специјални околности“, што отвора можност за ФИФА да обезбеди посебен статус за иранските фудбалери, стручниот штаб и нивните семејства. Но, проблемот не е само административен — евентуалниот пласман на Иран во елиминациската фаза би можел да го принуди тимот да мора да игра во САД, што би отворило нови политички тензии.
Постојат шпекулации дека ФИФА би можела да го смести Иран во група А, со што би ги одиграл сите натпревари во Мексико. Но, преминот во осминафиналето би значел можен натпревар на американско тло. Освен безбедносни и логистички прашања, тука се и дипломатските импликации, особено имајќи ги предвид тековните меѓународни тензии. ФИФА сè уште нема излезено со официјален став по ова прашање, но се очекува темата да биде разгледана пред официјалната ждрепка во декември.
Клучна улога ќе има Организацискиот комитет во кој се вклучени претставници на домаќините, како и претседателот на УЕФА, Александер Чеферин. УЕФА претходно веќе ги разделуваше земјите во конфликт, како што беа Украина и Белорусија — практика која сега би можела да се примени и од страна на ФИФА. Ситуацијата дополнително е усложнета поради блиските односи меѓу претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и американскиот претседател Доналд Трамп, чија администрација неодамна даде зелено светло за напади врз ирански нуклеарни објекти.