Барселона купува ново „чудо од дете“ - 17-годишник пред преселба на Камп Ноу!

Фудбалскиот клуб Барселона е во напредна фаза на преговори со бразилскиот тим Спорт Рецифе за трансфер на 17-годишниот Зе Лукас, тинејџер што веќе се смета за едно од најголемите млади откритија во јужноамериканскиот фудбал, пренесува „Марка“.

Младиот дефанзивен играч за врска сезонава дебитираше за првиот тим на Спорт Рецифе и досега има одиграно 432 минути во осум натпревари од бразилската лига. Неговите добри настапи привлекоа внимание од неколку европски клубови, но Барселона веќе подолго време го следи, вклучително и на јужноамериканското првенство за играчи до 17 години, каде што тој беше капитен и клучен играч во освојувањето на титулата.

Според проценките, вредноста на Зе Лукас изнесува околу три милиони евра. Иако најчесто игра како дефанзивен играч за врска, досега бил користен и на позиции од централниот ред и десното крило. Со висина од 188 сантиметри и одлична техничка подготвеност, Зе Лукас се истакнува по контролата и прецизноста во додавањето на топката. Тој има потпишан договор со Спорт Ресифе до летото 2028 година, но преминот во Европа изгледа сè поизвесен.