
Андреас Трајковски победник во скок во далечина на Европското екипно првенство
Првата радост на македонската селекција ѝ ја донесе натпреварувачот во скок во далечина Андреас Трајковски кој прескокна 7,83 метри и за четири сантиметри беше подобар од Даниел Инги Егилсон од Исланд. Својот најдобар скок, Трајковски го имаше во петтата серија и дури тогаш го надмина Егилсон кој претходно беше на првото место.
„Се чувствувам прекрасно бидејќи ја одбранив титулата од пред две години. Бев малку нервозен пред почетокот затоа што имам проблеми со коленото, но дадов се од себе, без разлика како ќе се чувствувам подоцна. Среќен сум што ѝ донесов победа на мојата земја што е уште еден голем успех откако на Европското првенство во сала стигнав до финалето. Уверен сум дека наскоро ќе ја минам и границата од 8 метри“, рече Трајковски кој со победата на Македонија ѝ донесе максимални 15 бода.
Од 18:30 на патеката излегува вториот македонски адут Дарио Ивановски кој ќе се натпреварува на 5.000 метри. Во моментов, македонската репрезентација има 80 бода и се наоѓа на 10. место во генералниот пласман.