
Неверојатна коинциденција: Алкараз го освои петтиот Гренд слем на иста возраст до ден како Надал
Од вчера, неверојатна коинциденција ги поврзува двајцата Шпанци: и едниот и другиот стигнаа до петтиот Гренд слем трофеј на 22 години, 1 месец и 3 дена. Разликата е само во тоа што Алкараз тоа го направи на „Ролан Гарос“, а Надал на Вимблдон во она легендарно финале против Роџер Федерер на 6 јули 2008 година во кое активно се играше 4 часа и 48 минути, но мечот траеше повеќе од 7 часа поради прекините предизвикани од дождот. Само Бјорн Борг бил помлад од нив двајца кога го освои петтиот Гренд слем трофеј бидејќи тогаш имал 21 година.
Со вакво темпо, на Алкараз му се предвидуваат најмалку 22 Гренд слем трофеи во кариерата, колку што има и Надал, но мора да се има предвид дека за разлика од периодот кога играша Рафа, сега само двајца тенисери се во конкуренција за титулите, па не е исклучено 22-годишниот Шпанец да го достигне и Ѓоковиќ.
Следна цел на Алкараз ќе биде одбрана на пехарот на Вимблдон, не само поради бодовите, туку и поради тоа што така ќе стане само втор тенисер во историјата кој барем две години по ред триумфирал на Гренд слем турнирите во Париз и Лондон. Со тоа може да се пофали само Борг кој три пати успеал да го направи тоа: во 1978, 1979 и 1980 година.