Силекс задржа еден од најискусните за новата сезона

Актуелниот вицешампион на Македонија, Силекс е еден од најактивните во моментов, во желба на највисоко ниво да ги почне подготовките за новата сезона.

Кратовци донесоа неколку домашни и странски засилувања, а успеаја и да ги продолжат договорите со неколку фудбалери. Последен во низата е 30-годишниот Ангелче Тимовски кој ја продолжи верноста кон Силекс на уште една сезона. Во својот матичен клуб тој се врати лани кога го напушти Гостивар и потпиша за прволигашот од Кратово.

Тимовски потекнува од школата на Силекс, во првиот тим дебитираше на 17-годишна возраст и досега одигра 215 натпревари во сино-црвениот дрес. Во меѓувреме играше и за Победа, Шкупи, Шкендија и Гостивар и има еден трофеј од Купот на Македонија, освоен со Силекс во 2021 година.