Спектакл за крај: Вардар сака да се врати на тронот, Пелистер се бори да остане таму!

Денеска со почеток од 19:30 часот во СЦ „Јане Сандански“, Вардар и Пелистер го играат мечот на сезоната, двата ракометни великани ќе се борат за шампионската титула.

Како актуелен шампион, Пелистер ја има улогата на бранител на титулата, а Вардар ќе се обиде повторно да стане македонски ракометен владетел.

Околностите сакаа Вардар и Пелистер во последното коло да имаат директна битка за шампионската титула. Црвено-црните се во предност, победата во Битола ги става во позиција и со реми да бидат шампиони, битолчани пак мора да целат на победа за да го одбранат тронот, немаат друга опција.

Билетите се распродадени, двете навивачки групи, „Комити“ и „Чкембари“ најавуваат свои шоуа. Атмосферата ќе биде пеколна, борбата на теренот загарантирана, по 60 минути ракометен спектакл Македонија ќе го добие шампионот.

Вардарци се во одличен ритам, во неделата во Охрид го победија Пелистер во битката за трофејот од Купот на Македонија, а сега целта е сезоната да биде комплетирана со двојна круна.

Пелистер во четвртокот во Скопје веќе доби едно дерби, го совлада Алкалоид во Автокоманда иако Раул во овој меч поштеди дел од своите најдобри ракометари, меѓу кои и Филип Кузмановски кој треба денеска да биде главниот адут на битолскиот тим.

Вардар е во подобар моментум, Пелистер сака одмазда за купот, мотивацијата е на највисоко ниво и кај двете екипи, пред ракометните гурмани е спектакуларен меч по кој ќе биде кренат шампионскиот пехар.