Италија е во тешка криза, Спалети ќе добие отказ!?

Италијанската фудбалска репрезентација синоќа доживеа дебакл на гостувањето кај Норвешка, загуби со убедливи 3-0, а тоа го активираше алармот во Италија.

Италија синоќа ги почна квалификациите за Светското првенство, за нив тоа беше прв меч и тргнаа очајно, со тежок пораз во Норвешка.

Италијанците ги пропуштија претходните две Светски првенства, па веднаш се јавија стравувања дека таквата негативна низа може да продолжи.

На тапет е селекторот Лучано Спалети кој по натпреварот најави дека ќе има состанок со Фудбалската федерација на Италија за иднината на репрезентацијата. По тој состанок ќе биде познато дали ќе замине од кормилото или ќе продолжи.

Тој истакна дека играчките покажуваат недостаток на ентузијазам и самодоверба и дека се потребни итни промени за да се избегне уште едно пропуштање на Светско првенство.

Во негативната статистика на Италија е и Македонија, италијанските медиуми вадат поразителни податоци.

Првпат во историјата, Италија загуби два последователни квалификациски натпревари за Светско првенство. Поразот од Норвешка следи по шокантниот пораз од 1-0 од Македонија во плејофот за СП 2022, што ги исклучи од тој Мундијал.

Италија нема постигнато гол во три последователни квалификациски натпревари за СП. Освен во поразите од Норвешка и Македонија, претходно одиграа 0-0 против Северна Ирска.

Квалификациските натпревари за Светско првенство на Италија како да ѝ стануваат психолошки терет кој треба да најдат начин како да го пребродат. А дали тоа ќе биде со нов селектор, останува да се види.

Во понеделник Италија е домаќин на Молдавија, тоа е идеална можност да се прекине негативната серија.

Фото: EPA