
Елмас: Не сум среќен, но - задоволен сум со резултатот!
Елмас кажа дека не е среќен по натпреварот против Белгија, меѓутоа е задоволен од резултатот против една од најсилните селекции во светот.
„Имавме две стативи во првото полувреме, среќата не беше на наша страна, но можеме да бидеме задоволни затоа што покажавме добра игра, квалитетна игра против ваков ривал. Покажавме дека можеме да играме против сите селекции. Не можам да бидам среќен, но задоволен сум од резултатот“, кажа Елмас.
Елмас посочи дека на секој меч сакаат да го дадат максимумот и да си го остварат сонот, а тоа е пласман на Светското првенство (СП).
„Гледаме на секој меч да дадеме максимум и на следниот меч одиме на три бода. Сакаме да оставиме сè што можеме од нас на теренот. На сите ни е сон пласман на СП, тоа е поттик за сите и работиме на таа цел. Се надевам дека ќе освоиме три бодови против Казахстан в понеделник“, посочи македонскиот репрезентативец.
Македонија се наоѓа на втората позиција со пет бодови по три одиграни кола, додека лидер е Велс со седум поени.