Дебакл на Италија во Осло, Хрватска го распарчи Гибралтар

Норвешка одигра одличен меч против Италија и славеше со 3-0, додека Хрватска немаше милост против Гибралтар и го распарчи со 7-0 во квалификациите за Светското првенство (СП).

Италија имаше катастрофално прво полувреме во Осло, каде што домаќинот го отвори водството преку Сорлот во 14. минута, а потоа стрелаа Нуса и Халанд за убедливи 3-0 на паузата.

Гостите се заканија неколку пати во вториот дел, меѓутоа Норвешка успешно го бранеше својот гол и резултатот не се менуваше до последниот судиски свиреж.

Норвешка е на првата позиција со девет бодови, а потоа следат Израел со шест, Естонија со три, додека Италија и Молдавија се без поени.

Хрватска го најави триумфот уште во првото полувреме со погодоците на Пашалиќ и Будимир (2-0), додека во вториот дел Ивановиќ стрелаше двапати за предност од 4-0.

„Коцкестите“ вршеа притисок и во финишот, кога Перишиќ зголеми на 5-0, а потоа Крамариќ со два гола ги постави конечните 7-0.

Хрватска ја запиша првата победа во квалификациите за СП и се наоѓа на трета позиција со три бода во групата Л, а пред неа се Црна Гора со шест и Чешка со девет бодови.

Останати резултати:

Чешка – Црна Гора 2-0
Велс – Лихтенштајн 3-0
Македонија – Белгија 1-1

Фото: EPA PHOTO