Упорноста се исплатеше: Чурлинов асистира како Меси, Алиоски погоди како Роналдо за реми против Белгија (ВИДЕО)
Избраниците на Благоја Милевски успеаја преку неколку контра-напади да се заканат кон голот на Селс, а најдобрата шанса ја имаа во 27. минута кога најпрво Елиф Елмас погоди статива, а потоа Езгјан Алиоски промаши празен гол.
Казната пристигна многу брзо од страна на Белгија, односно една минута подоцна кога Де Кјупер стрелаше за предност од 1-0 на гостинската селекција.
Македонија тргна фуриозно во второто полувреме и Елмас успеа да ја затресе мрежата на Селс, меѓутоа ВАР-технологијата го поништи погодокот затоа што топката го погодила Бојан Илиевски на патот кон голот на Белгија.
Нашите репрезентативци се обидуваа да ја пробијат одбраната на Белгија и конечно успеаја во намерата преку Алиоски, кој со прекрасен удар го матира Селс во завршницата од мечот.
Македонија се наоѓа на втората позиција по три одиграни меча со пет бодови, додека Велс е лидер со седум бода. На третата позиција е Казахстан со три, Белгија има еден бод, а Лихтенштајн е без поени.