
Американска инвазија во Серија А, купија уште еден клуб!
По речиси четири децении, семејството Поцо ја заврши својата ера во Удинезе – клубот е продаден на инвестициски фонд од САД за околу 150 милиони евра, пренесуваат италијанските медиуми.
Тимот од Удине беше во сопственост на семејството Поцо уште од 1986 година, кога Џанпаоло Поцо го презеде клубот од Ламберто Маца во време кога Удинезе се соочуваше со сериозни тешкотии.
Веста ја објави „Раи“, а ја потврдија и извори блиски до клубот. Од раководството на Удинезе засега нема официјален коментар, а идентитетот на американскиот фонд кој го презема клубот треба да биде објавен во наредните часови.
Италијански клубови кои имаат американски газди се Аталанта, Фиорентина, Милан, Интер, Парма, Рома, Венеција и Верона, отсега ќе биде и Удинезе. Дополнително на ова, Болоња е во сопственост на Џои Сапуто кој е Канаѓанец.