
Тивкиот херој на Оклахома: Го „претепа“ Јокиќ и го однесе Тандер во финалето на Западот
Генерално, во екипата се млади кошаркари кои можат да доминираат во НБА претстојната деценија, но покрај нив има и неколку искусни што знаат да „повлечат“ кога е најтешко. Минатото лето менаџментот на Оклахома направи одличен потег со привлекувањето на Алекс Карусо.
Важноста на овој кошаркар можеше да се види во серијата против Денвер во која не се наигра ниту Никола Јокиќ. Карусо има шампионска титула со Лос Анџелес Лејкерс од 2020 година, но неовото значење за тимот тогаш и сега е апсолутно поразлично. Таму имаше епизодна улога, додека сега е еден вид лидер на тимот бидејќи со 31 година е и највозрасен во Оклахома.
Интересна беше одлуката на тренерот Дејно, токму Карусо да го чува Јокиќ и покрај тоа што разликата меѓу нив двајца изнесува 15 сантиметри во височина и 45 килограми во маса. Српскиот ас одигра на своето ниво само два натпревара, првиот и петтиот, на останатите Карусо не му даде „да дише“.
Идејата беше во тоа, при секое спуштање на топката, Карусо да реагира и да не му дозволи на Јокиќ да се размавне. Со оглед на тоа што кошаркарот на Оклахома има брзи раце, Денвер беше оневозможен да го прави она што најдобро го знае - пикенрол меѓу Јокиќ и Мареј. Голем дел од контактите меѓу Карусо и Јокиќ беа фаули, но судиите многу често му прогледуваа низ прсти на кошаркарот на Оклахома и тој ниеднаш не влезе во проблем со лични грешки.
За ефектот на Карусо најдобро зборува статистиката која вели дека во „мајсторката“, во категоријата +/- имаше +40 што значи дека кога тој бил во игра, Оклахома постигнала 40 поени повеќе од Денвер. Тоа е прв таков случај во историјата на НБА кога станува збор за играч што не е стартер.