Одбојкарите не сакаат само да настапат во Златната лига – ќе бркаат и добар резултат!

Македонските одбојкарски репрезентативци и ова лето ќе бидат дел од Европската Златна лига, што за нив е трето учество по ред, но овој пат со повисоки амбиции и јасна цел - подобар резултат и истовремено идеална подготовка за европските квалификации.

По неуспешните настапи во изминатите две изданија, момците на Јошко Миленкоски овој пат се решени да го сменат наративот. Легендарниот тренер се враќа на чело на националниот тим, што, според одбојкарите, е вистински поттик за подмладениот состав.

„Навистина ми е драго што Миленкоски повторно е со нас. Се чувствува друга енергија и верувам дека сите сакаме да направиме исчекор. Ова ни е трета година во Златната лига – време е да се оди на добар резултат“, вели средниот блокер Филип Савовски.

Златната лига не е крајна цел, туку средство – формата се темпира за најважното - двомечот со Грција и Грузија во август. Преку тие квалификации, Македонија ќе се обиде да обезбеди пласман на четврто Европско првенство по ред. Во меѓувреме, подготовките течат без проблеми. Националниот тим тренира во салата „Парк“ во Струмица, а првата контролна проверка е веќе закажана – на 24 и 25 мај ќе се одиграат два пријателски натпревари со Хрватска во Марибор.