Виновникот за придавката „Северна“ пред Македонија ќе биде домаќин на ЕП 2029!

По пауза од 34 години, Грција повторно ќе биде домаќин на Европското првенство во кошарка и тоа во 2029 година, кога ќе ќе организира една од групите како и завршната фаза од турнирот, која ќе се одигра во атинската арена „ОАКА“.

Оваа одлука се очекува да биде официјално потврдена на 22 мај во Рига, каде што ќе се одржи гласањето на претставниците на ФИБА Европа. Доколку биде одобрена, тоа ќе биде само третпат во историјата Грција да биде домаќин на Евробаскет. Во силна конкуренција за организацијата, Грција ја победи Шпанија, Словенија и Литванија, додека Германија претходно се повлече од трката.

Сè уште не е јасно кои земји ќе бидат ко-домаќини на групната фаза заедно со Грција. Во медиумите се споменува можноста Холандија да преземе дел од организацијата, а не се исклучува ниту учество на Шпанија, Словенија и Литванија во групната фаза, со оглед што беа конкуренти за финалниот дел.

Ова е првпат кошаркарската репрезентацијата на Македонија да има шанса да се пласира на континентален собир во земјата „виновник“ за придавката „Северна“ пред името на нашата држава. (Прет)квалификациите за овој настан ќе почнат во 2027 година.

ФОТО: EPA PHOTO