Еуфорија во Њујорк пред дуелот со Селтикс – билетите се најскапи во историјата!

Интересирањето за третиот натпревар од полуфиналната серија меѓу Њујорк Никс и Бостон достигна невидено ниво – билетите за мечот во „Медисон Сквер Гарден“ рушат историски рекорди.

Навивачите на Никс со години сонуваат за голем успех, а откако нивниот тим направи двоен брејк во Бостон и поведе со 2-0 во серијата, атмосферата во „Големото јаболко“ е на точка на вриење. Третиот меч се игра вечерва во 21.30 часот по македонско време, а билетите станаа вистинска скапоценост.

На платформата „StubHub“, најевтината влезница се продавала за 626 долари, додека на „TickPick“ цената се искачи до 795 долари. Овој оператор дури објави дека тоа е највисоката цена за билет некогаш забележана за натпревар на Никс. Овие бројки се јасен показател колку многу им значи оваа серија за навивачите. Њујорк последен пат играше во финале на Источната конференција во 2000 година, а сега има реална шанса да го повтори тој подвиг, откако во последните две сезони беше елиминиран токму во полуфиналето.

ФОТО: X / @nyknicks