Пелистер и Работнички ќе играат „мајсторка“, МКК Куманово оди во полуфинале

Вицешампионот Пелистер оствари убедлива победа против Работнички, со 85-67 и израмни на 2-2 во единствената серија од плејофот која ќе се решава во „мајсторка“.

Одлучи второто полувреме во кое Работнички одигра очајно и за 20 минути постигна само 23 поени. Почетокот на навестуваше такво нешто бидејќи во шестата минута гостите водеа со 12 поени разлика (18-6). Пелистер брзо се консолидира и намали на 17-20, но Работнички во вториот период повторно имаше двоцифрена предност (39-29) и на голем одмор замина со 44-39. Во вториот дел, сосема поинаква слика на теренот. Пелистер ја стегна одбраната и на средина од третиот квартал првпат поведе, со 47-46 за на половина минута пред крајот на тој период да дојде до предност од 61-52. Се беше решено по серијата од 14-0 во последната четвртина по што Пелистер отиде на недостижни 75-58.

Цела почетна постава на Пелистер имаше двоцифрен ефект, најефикасен беше Стајиќ со 21 поен, но се истакна и Галовеј со 15 пое и 15 скока. Рош со 17 поени и 8 скока беше најдобар кај Работнички, но повторно потфрлија некои од искусните кошаркари од кои се очекуваше да го повлечат тимот.

МКК Куманово ја заврши својата работа и ќе игра во полуфиналето од плејофот откако денеска по трет пат го победи Кожув. Во вториот меч во Гевгелија, четврти во серијата, МКК Куманово славеше со 82-67 за конечни 3-1 и пресметка со шампионот МЗТ Скопје во полуфиналето. Иако гостите го диктираа темпото во најголемиот дел од натпреварот, конечниот удар го зададоа во последната четвртина која ја добија со 21-11.

МКК Куманово почна одлично, отвори со 7-0, но Кожув врати со осум поени по ред за на крајот од првата четвртина да биде 22-21 за домашниот тим. Така беше до средината на вториот период, а потоа гостинските кошаркари ја почнаа својата доминација. Со серијата од 9-0 отидоа на двоцифрена предност (38-27), а Кожув се закани дури пред крајот на третата четвртина кога се доближи на 56-61. Сепак, кумановци не се исплашија, направија 10-2 и поведоа со 13 поени разлика кои не ги испуштија до крајот на мечот.

Тандемот Луковиќ-Радукиќ беше најзаслужен за триумфот на МКК Куманово, првиот постигна 25 поени и 13 скока, а вториот беше блиску до трипл дабл со 13 поени, 9 скока и 8 асистенции. Вилсон го предводеше Кожув со 17 поени, 8 скока и 6 асистенции, но за гевгеличани денеска завршува сезоната во која играа финале од Купот на Македонија.