
О'Саливен ја изненади јавноста по шокантниот пораз: Заминува од Британија!
Неговата одлука доаѓа по поразот на Светското првенство во Шефилд, каде беше убедливо елиминиран од младиот кинески талент Жао Ксинтонг со резултат 17:7.
За Жао ова беше историска победа, бидејќи со неа се пласираше во своето прво финале на Светско првенство, додека за О’Саливан сезоната заврши разочарувачки. Неговата изјава по натпреварот ги изненади фановите ширум светот.
„Мислам дека оваа година се селам од Велика Британија. Ќе се преселам на Блискиот Исток и ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Можно е да се вратам веќе за шест месеци. Нов живот, на ново место. Не знам како сето тоа ќе изгледа“, изјави О’Саливан.
Иако не ја наведе конкретната земја, јасно е дека станува збор за Саудиска Арабија, бидејќи токму таму државата му отвори снукер академија, што укажува дека својата иднина ќе ја гради во Ријад.
„И понатаму ќе се обидам да играм снукер, но не знам што ми носи иднината. Тоа е голем дел од мојот живот, но морам да проверам и одлучам како ќе изгледа иднината за мене, дали со или без играњето“, додаде легендарниот „Ракета“.
Со оглед на тоа дека во последно време пропушта сè повеќе големи турнири, сè погласни се шпекулациите дека можеби размислува и за повлекување од професионалната сцена.