Tиквеш покажа „заби“, но Пелистер им се врати на победите во Суперлигата

Ракометарите на Пелистер се вратија на победничките патеки откако во Битола го совладаа составот на ГРК Тиквеш со 29-25 во рамки на Суперлигата.

Со оваа победа, битолчани ги задржаа шансите за врвот на табелата, но сега со внимание ќе го следат градското дерби помеѓу Вардар 1961 и Алкалоид, надевајќи се на кикс на својот најголем ривал.

Иако резултатот на крајот делува убедливо, натпреварот беше далеку од лесен за избраниците на Раул Алонсо. Тиквеш, предводен од тренерот Александар Грчевски, одигра борбено и рамноправно во поголемиот дел од средбата, покажувајќи дека не дојдоа во Битола само формално.

Во првото полувреме се водеше изедначена битка, со чести промени на водството. Пелистер накусо стигна до +2 (9-7), но гостите од Кавадарци брзо возвратија и израмнија (9-9), па дури и заминаа на пауза со минимално водство од 11-12.

Слично се одвиваше и второто полувреме до резултатот 19-18, кога домашниот тим конечно го наметна своето темпо и во финишот успешно го трасираше патот кон победата.

Најефикасен во редовите на Пелистер беше Дејан Манасков со десет гола, следен од Филип Кузмановски со пет. Кај Тиквеш, Славчо Шулески беше најпрецизен со шест гола, а Даниел Андоноски додаде пет.

Фото: РК Пелистер