
Ристовски: Време е во КФМ да дојдат луѓе кои ќе ги почитуваат законите!
Пред да почне работниот дел од еден од најважните собири во макбаскетот во последните две децении, на присутните клубови им се обрати министерот за спорт, Борко Ристовски, посакувајќи им успешна работа, но и промени за подобри времиња во овој спорт.
„Време е за нови ветришта во кошарката, за да се тргне подобро. Кошарката беше во слободен пад, но дојде време да се направи пресврт, за да дојдат нови луѓе кои ќе работат подобро и ќе донесат подобри резултати. Да се исчистат лошите ветришта и да се работи транспарентно во интерес на спортот и да се почитуваат законите, кои во минатото беа прекршувани. Но, сега не сакам да навлегувам во вакви работи, има време за тоа, туку сакам собирот да мине како што треба и да се направи смената која и тоа како ѝ е потребна на кошарката“, изјави Ристовски.
Веќе е извесно дека нов претседател на КФМ ќе биде бизнисменот Томица Главчев, творец на чудото наречено Блокотехна, еден од двата македонски клуба со меѓународен трофеј и долгогодишен кошаркарски спонзор и работник.