Кунде го застрела „кралот“, Барса е освојувач на Копа дел Реј! (ВИДЕО)

По 32. пат во историјата, Барселона е освојувач на титулата во шпанскиот Куп кој го носи името на кралот.

Во големото финале, вечерва во Севиља, „каталонците“ по голема драма го победија Реал со 3-2 по продолженија во мечот кој имаше два пресврта. Барса беше одлична во првото полувреме, водеше со 1-0 со евроголот на Педри, но во  вториот дел сликата апсолутно се смени. Во игра влезе Мбапе кој го разигра Реал и самиот го израмни резултатот од слободен удар, за неколку минути подоцна Чуамени да го комплетира пресвртот на мадридскиот тим.

 

 

Се чинеше дека тука е готова приказната, но на шест минути пред крајот Феран Торес ја искористи грешката на Ридигер и Куртоа и ги постави конечните 2-2.

Во финишот од судиското продолжение има спорен момент кога главниот судија покажа на белата точка за Барселона за наводен фаул на Асенсио врз Рафиња, но откако ја прегледа снимката, заклучи дека нема пенал. Претходно имаше три ситуации каде можеше да ѝ даде пенал на Барса, но не го направи тоа.

Моментот на одлука се случи во 116. минута кога Модриќ и Брахим Дијаз не се разбраа, Кунде им ја украде топката и со бомба од околу 20 метри го совлада Куртоа. Победата на Барса е исправање на една голема неправда бидејќи главниот судија, очигледно потресен од нападите на Реал во петокот, делуваше тотално загубен, исплашен и не досуди дури три пенали за каталонскиот тим.