Тројца фудбалери на Гостивар биле приведени поради напад врз - полицајци!

Тројца играчи на фудбалскиот клуб Гостивар и еден член на стручниот штаб биле приведени од струшката полиција под сомнение дека физички нападнале полициски службеници по завршувањето на вчерашниот фудбалски натпревар против Струга.

Како што информираат од СВР Охрид, инцидентот се случил на 19 април во Струга, а приведувањата биле извршени вчера околу 18 часот. Лицата се осомничени за кривични дела „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „спречување на службено лице во извршување на службени дејствија“. Приведени се Е.Д. (28) од Тетово, Ш.Т. (25) државјанин на Турција со престој во Скопје, А.Д. (25) од Сенегал со престој во Гостивар и А.А. (31) германски државјанин, кој е дел од стручниот тим на клубот.

Според иницијалите, станува збор за дефанзивецот Енис Дервиши, напаѓачот Асане Диата, додека за останатите двајца нема официјална потврда за кој фудбалер односно член на струшниот штаб станува збор. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, изјави дека по целосно расветлување на случајот, против сите инволвирани ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Гостивар доцна синоќа информира за приведени нивни фудбалери, кои уште се во полициската станица во Струга.

„Тројца наши фудбалери и еден член на стручниот штаб се приведени во полициската станица во Струга веќе пет часа. На нив не им е дозволено да се видат со нивните сопруги или соиграчи. Управата и нашиот спортски директор со часови чекаат на ладното пред полициската станица да добијат вести од полицијата“, стои во соопштението на Гостивар.

ФОТО: Фејсбук ФК Струга