
Димитријевиќ на излезна врата, ама Олимпија Милано се интересира за друг Македонец
Извесно станува дека Ненад Димитријевиќ ќе си замине од редовите на италијанскиот шампион што може да се заклучи и од фактот што последните недели не е во плановите на Еторе Месина. Дури и да се случи тоа, Олимпија Милано би можела догодина да има друг македонски репрезентативец во тимот.
Италијанскиот новинар Лука Далесандро тврди дека најтрофејниот клуб на Апенинскиот полуостров се интересира за Андреј Јакимовски кој претходните пет сезони настапуваше во НЦАА. Додека ги разгледува можностите дали да се пријави на НБА драфтот, Јакимовски е интересен за неколку европски клубови, вклучувајќи ја Олимпија Милано.
Конечната одлука би требало да ја донесе на почетокот на мај, но дури и да се пријави на драфтот, останува отворена можноста идната сезона да игра во Италија.