
Јунајтед можеби ќе ја спаси сезоната преку ЛЕ, но во Премиер лигата руши негативни рекорди
„Ѓаволите“ загубија од Вулверхемптон со 0-1 и на само еден меч поставија два негативни рекорди. Ова беше 15. пораз во сезоната за Манчестер Јунајтед што е нов најслаб ефект за овој тим во Премиер лигата откако досегашниот антирекорд изнесуваше 14, а беше поставен лани.
Освен тоа, на пет кола пред крајот на сезоната стана јасно дека Манчестер Јунајтед ќе има најлош бодовен биланс во историјата на Премиер лигата (од сезоната 1992/93). Дури и да победи на сите преостанати пет меча, Јунајтед може да стигне максимум до 58 бода што е за два помалку од досегашниот антирекорд кој изнесуваше 60, а беше поставен пред две години.
Многу веројатно Јунајтед ќе го забележи и најлошиот пласман во историјата имајќи предвид дека досегашната најлоша сезона беше ланската кога заврши на осмото место. Во моментов е на 14. позиција до само 38 бода, шест помалку од 12-пласираниот Кристал Палас, додека Брајтон кој е на десеттото место му бега 10 бода. Тоа значи дека по се изгледа, Јунајтед ќе ја заврши сезоната во долниот дел од сезоната, првпат во историјата на Премиер лигата.