Руне го збриша Алкараз за прва титула во Барселона

Данскиот тенисер Холгер Руне првпат во кариерата ја освои титулата на турнирот во Барселона откако во денешното финале го совлада Карлос Алкараз со 2-0 (7-6, 6-2).

Втора година по ред, титулата од овој турнир нема да оди во рацете на шпански тенисер и покрај тоа што Алкараз имаше можност да ја врати доминацијата на својата земја. Во 21. век, 12 титули освои Надал, две Алкараз, по една Вердаско, Робредо и Моја, а само понекогаш ќе се појавеше некој странец како Гаудио, Нишикори, Тим или лани Руд, а сега Алкараз го претрпе првиот пораз во своето трето финале.

Во првиот сет двајцата тенисери освоија по еден брејк, Руне имаше две сет-топки во десеттиот гем, но не успеа да го освои и сетот отиде во тај-брејк. Во него имаше дури седум мини-брејка, Алкараз не ја искористи својата шанса на 3-1, Руне потоа водеше со 6-4, но го освои со 8-6.

Во вториот сет Алкараз се мачеше со болки во грбот, побара и еден медицински тајм-аут и веројатно тоа беше причината за нешто послабиот настап што резултираше со лесен сет за Руне за конечна победа и петта АТП титула за данскиот тенисер.

Поради поразот, Алкараз ја загуби втората позиција на АТП листата која сега му припаѓа на Зверев за само 35 бода разлика. Далеку пред нив е Јаник Синер со безмалку 2.000 бода предност.