„Жал ми е што ниту едно од златните деца на Пелистер не е повикан за репрезентација“

Младите ракометари на Пелистер кои обезбедија учество на фајнл-фор турнирот во Келн во младинската Лига на шампиони, денеска пристигнаа во Битола каде беа пречекани од своите постари колеги.

Ракометните ѕвезди на првиот тим на Пелистер ги пречекаа младинците кои испишаа историја во македонскиот ракомет.

Тренерот Фарук Мемиќ е презадоволен од големиот успех кои неговите момци го направија и потенцира дека ниту еден од нив не е викнат во соодветните рапрезентации на Македонија.

„Ова е одличен успех за македонскиот младински ракомет и прекрасно искуство за мене како тренер. Првиот натпревар против Келце го добивме полесно од очекуваното со убедливо водство и одлична игра во текот на сите 60 минути каде што шанса за настап добија сите играчи во составот. Вториот натпревар беше далеку понеизвесен до самиот крај. Со оглед на тоа дека игравме со организаторот домаќин, кој што имаше подршка од солидната посетеност во текот на целиот натпревар, нашите момци одлично се снаоѓаа на теренот“, вели тренерот Фарук Мемиќ.

„Верувам во моите момци со кои функционираме како семејство. Самиот пласман на Ф4 турнирот во Келн е одличен успех за нас како клуб и држава. Младинските екипи дури и на ракометни великани се една непознаница за нас, меѓутоа не се предаваме и одиме во Келн да се надигруваме и да се претставиме во најдобро светло. Им честитам на моите играчи за оствареното, кое што беше еден вид мој роденденски подарок“.

„Жалам што и покрај тоа што во македонските клубови поседуваме одлични играчи од генерација 2006/07 не успеавме да се пласираме на светското првенство во Египет. Од друга страна навистина е жално што од овие играчи никој досега не е повикан за репрезентација, само поради фактот што играат во Пелистер”.