Ристовски: Долговите кон судиите ќе бидат исплатени – кошарката мора да продолжи!

Министерот за спорт, Борко Ристовски, изрази цврста поддршка за продолжување на прекинатото кошаркарското првенство, истакнувајќи ја важноста на судиите и делегатите, кои се решија за штрајк поради неисплатени долгувања од КФМ, во целиот натпреварувачки процес.

На средбата со претседателот на Судиската организација, Алија Феревски и со комесарот за натпреварувања, Александар Милојевиќ, министерот упати јасна порака дека институциите се подготвени да преземат конкретни чекори за стабилизација на ситуацијата.

„Како министер за спорт, целосно ја разбирам и поддржувам важноста на судиите и делегатите и дадов уверување дека сите заостанати обврски кон нив ќе бидат подмирени во најкус можен рок“, изјави Ристовски.

Тој нагласи дека Министерството е свесно за предизвиците со кои се соочува македонската кошарка и оти продолжување на првенството е во интерес на сите – играчите, клубовите, публиката, но и на спортот воопшто.

„Во интерес на кошарката и на спортот е натпреварите да продолжат во амбиент на доверба и исполнување на меѓусебните обврски на сите чинители во кошарката“, истакна министерот.

Од Министерството посочуваат дека остануваат посветени на следење на ситуацијата и поддршка на конструктивен дијалог меѓу сите страни, со цел надминување на застојот и овозможување на фер и регуларен натпреварувачки процес.