Закана од КФМ до должниците: Ако не платите за една недела - суспензија!

Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија денеска ги известило сите клубови дека нема повеќе толерирање за должниците и дека мораат во рок од една недела да ги подмират сите свои финансиски долгови кон неа.

Предупредувањето се однесува на сите клубови во сите категории, а такво нешто било договорено на вчерашниот состанок на кој присуствуваа претставници на КФМ, на судиската организација, здруженијата на лигите и Комесарот за натпреварување.

„Согласно договореното на состанокот на претставниците, претседателите на здруженијата на клубовите од сите лиги и раководството на КФМ, одржан на 14 април 2025 година, ве известуваме:

Сите долгови по било кој основ и во која било лига (котизација, казни, лиценци за странски играчи и друго) да се подмират најдоцна до 23 април 2025 година. Во спротивно ќе се постапи согласно Пропозициите за натпреварување во сениорските и младинските лиги, односно членот 52.4 и ќе биде изречена суспензија. За време на суспензијата, клубот ќе нема право на настап“, пишува во дописот испратен до клубовите.

Кошаркарската федерација на Македонија пред стартот на сезоната објави дека вкупните долгови на клубовите изнесуваат околу 200 илјади евра.