Вардар по осумгодишна блокада конечно има – чиста сметка!

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив, екипата на Вардар, по осум години конечно има деблокирана сметка, што претставува голем чекор кон неговата стабилизација и нормално функционирање.

Оваа информација денеска беше потврдена од управата на клубот со имиња на последните лица и правни субјекти, чии долгови беа исплатени. Меѓу нив се и Дарко Панчев, Владица Брдаровски, Бенџамин Демир и Михајло Костиќ, кои им се приклучија на Горан Попов, Горан Митев, Панче Георгиевски, Саша Илиќ, поранешниот директор Мирко Спасевски, како и кон УЈП и АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Според клупските информации, сметката е деблокирана почнувајќи од 9 април, со што клубот после цели осум години повторно функционира по сите законски норми и прописи.