Јокиќ добива нов тренер – НЦАА шампион кој одби 70 милиони долари од Лејкерс!

Според американските медиуми, долгогодишниот тренер во НЦАА лигата и актуелен предводник на тимот на Конектикат Хаскис, Ден Хурли, е еден од главните кандидати за нов шеф на стручниот штаб на Денвер Нагетс.

Оваа информација доаѓа само неколку дена по големата „чистка“ во клубот од Колорадо, каде што во вторникот попладне отказ добија главниот тренер Мајкл Мелоун и генералниот менаџер Калвин Бут. Двајцата долго време имале затегнати односи и покрај тоа што Мелоун е тренерот со најмногу победи во последните пет сезони.

Тренерската позиција до крајот на тековната сезона ќе ја преземе Дејвид Аделман, син на познатиот тренер Рик Аделман, а летово се очекува ново лице на клупата на Нагетс. Хурли, кој е двапати по ред колеџ-шампион (2022/23 и 2023/24) со Конектикат, одби понуда од 70 милиони долари за да го преземе ЛА Лејкерс, по што работата му беше доверена на Џеј Џеј Редик. Тој има 52 години и досега има 316 победи и 174 порази во својата универзитетска кариера.

Специјалист за тактики кои вклучуваат интензивно движење без топка, блокови и прецизна распределба, Хурли е познат по својот стил што потсетува на европската кошарка — слична на онаа што ја применуваат Олимпијакос на Барцокас и Партизан на Жељко Обрадовиќ. Поради ова, тој дефинитивно е голем фаворит за тренер на Никола Јокиќ, кому неговиот стил дефинитивно најмногу ќе му „легне“.