
Маестралниот Дончиќ го растури најдобриот тим на Западот во НБА (ВИДЕО)
„Езерџиите“ со оваа победа направија голем исчекор во трката за третото место, израмнувајќи се со Денвер, Голден Стејт, Минесота и Мемфис. За „громовите“, пак, ова беше втор пораз по ред, но и покрај тоа, тимот останува на врвот на конференцијата. Лејкерси доминираа од самиот старт, а во втората четвртина стигнаа и до предност од плус 29. На полувремето имаа дури 78 постигнати поени – скоро колку што постигнаа на целиот прв меѓусебен меч од сезоната (93). Особено впечатлива беше реализацијата на шутот за три поени – 15 погодоци од 22 обиди во првото полувреме.
Најефикасен во редовите на Лејкерс беше Лука Дончиќ со 30 поени, седум скока и шест асистенции. Поддршка доби од Остин Ривс со 20 поени и Леброн Џејмс со 19 поени и седум асистенции. Кај домаќините, Шеј Гилџес-Александер постигна 26 поени и подели девет асистенции, а Џејлен Вилијамс додаде 16 поени и шест скока.
ФОТО: EPA PHOTO