Тешко обвинување: УЕФА манипулирала со снимката од пеналот на Алварез!? (ВИДЕО)

Контроверзите околу поништениот пенал на Хулијан Алварез во осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид и понатаму не стивнуваат, откако експерти изразуваат сомнеж дека објавената снимка од страна на УЕФА како доказ за два контакта со топката е - изменета.

Алекс Солер, експерт за видео-едитирање, посочува дека одредени детали на снимката не се совпаѓаат со природните закони на светлината и движењето. Според него, најголемиот индикатор за можна манипулација е исчезнувањето на сенката на топката во клучниот момент.

„Како што Алварез се приближува, сенките на тревата се видливи, но сенката на топката исчезнува. Ова е невообичаено, бидејќи осветлувањето на стадионот природно би предизвикало промена на сенките со секое движење“, објаснува Солер.

Дополнителен сомнеж предизвикува и патеката на топката. Според Солер, вообичаената траекторија би била поблиску до десната страна, но на снимката таа изгледа дигитално коригирана.

„Ако снимката навистина е изменета, тоа значи дека некој одлучил да прикаже верзија што одговара на одреден наратив. Во таков случај, прашањето е зошто и кој стои зад оваа одлука“, вели Солер.

Причина за ваквиот сомнеж е и фактот што аголот од камерата на снимката прикажана од УЕФА воопшто не била видена во преносот од овој натпревар.