Вучиќ тотално се изгуби, поранешен српски репрезентативец нарече - глупав

Последните месеци, откако почнаа студентските протести, српскиот претседател Александар Вучиќ е толку избезумен што не бира ни зборови, ни средства за пресметка со неистомислениците.

Речиси да нема противник за кого не кажа нешто лошо, а листата се зголемува од ден на ден. Сега на ред дојде поранешниот српски кошаркарски репрезентативец Владимир Штимац кој е еден од најгласните против режимот на Вучиќ. Некогашниот центар не само што е редовен на протестите, туку постојано е во првите редови, а не се штеди ни на социјалните мрежи. Неодамна тој напиша дека на протестите во саботата имало околу 350 илјади присутни што, очигледно, не му се допаднало на претседателот, па жестоко го навреди во едно телевизиско гостување.

„Го слушам оној глупавиот Штимац дека на протестот имало 350 илјади луѓе. Тоа е срамота да се слуша“, рече Вучиќ кој е познат по своите „борби со замислен непријател“ во телевизиските емисии.

Штимац не само што е поранешен српски репрезентативец, туку има завидна кариера и беше дел од националниот тим на неколку големи натпреварувања на кои беа освоени медали. Во својата колекција има сребра од Светското првенство во 2014, Олимписките игри во 2016 и Европското првенство во 2017 година. На клупски план, меѓу другите, играше за Црвена Звезда, Жалгирис, Баерн, Уникаха, Анадолу Ефес, Фенербахче, Естудијантес итн.