Денвер му ја продолжи агонијата на Лос Анџелес Лејкерс (ВИДЕО)

Екипата на Денвер се врати на второто место на табелата во Западната конференција откако ноќеска славеше во дербито со Лос Анџелес Лејкерс со 131-126.

Гостите на овој меч настапија драстично ослабени бидејќи освен Леброн Џејмс, не играше ни Лука Дончиќ, како и Џексон Хејс, Доријан Фини Смит и Руи Хачимура, па го доживеаја четвртиот пораз во низа кој ги однесе дури на петтото место на табелата. И така ослабени, Лејкерс долго време му парираа на противникот, во првата четвртина имаа и 14 поени предност, а и во финишот беа во водство.

Денвер ја презеде контролата над резултатот во вториот квартал, Лејкерс се вратија во водство во последната четвртина кога поведоа со 111-106, па ситуацијата мораа да ја спасуваат Јокиќ и Мареј. Првиот постигна кош под фаул, а вториот погоди важна тројка и Денвер дојде до исклучително важна победа во финишот од сезоната.

И покрај тоа што не играа првите ѕвезди, Лејкерс ги имаа најефикасните играчи во Ривс кој постигна 37 и Нехт со 32 поена. Јокиќ го предводеше Денвер со 28, додека Мареј реализира 26.

РЕЗУЛТАТИ
Мајами - Бостон 91-103
Филаделфија - Индијана 100-112
Атланта - ЛА Клиперс 121-133
Хјустон - Далас 133-96
Мемфис - Кливленд 124-133
Минесота - Орландо 118-111
Сан Антонио - Шарлот 134-145
Денвер - ЛА Лејкерс 131-126
Јута - Торонто 118-126
Феникс - Сакраменто 122-106