
Македонските ракометарки од третиот барабан ја чекаат ждрепката за ЕП 2026!
Изборот на квалификациските групи ќе се направи на 20 март во романскиот град Клуж, кога 24 репрезентации ќе ги дознаат своите противници во борбата за преостанатите 16 места на завршниот турнир. Завршниот турнир ќе се одржи од 3 до 20 декември 2026 година во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција. Овие пет држави, заедно со трите најдобро пласирани селекции од ЕП 2024 – Норвешка (шампион), Данска (второпласирана) и Унгарија (третопласирана) – веќе имаат обезбедено место на првенството и нема да учествуваат во квалификациите. Наместо тоа, тие ќе се натпреваруваат во ЕХФ ЕУРО Купот.
Во втората фаза од квалификациите учествуваат 24 репрезентации, меѓу кои и Македонија, која е сместена во третиот барабан, во кој освен нашите ракометарки се наоѓаат и Украина, Португалија, Италија, Грција и Косово. Репрезентациите се поделени во четири барабани со по шест екипи, а ќе бидат извлечени во шест групи со по четири селекции. Дуелите ќе се играат на принцип дома-гости во три натпреварувачки периоди и тоа во 15-19 октомври 2025, 4-8 март 2026 и 8-12 април 2026 година.
По завршувањето на квалификациите, пласман на Европското првенство ќе обезбедат првите две селекции од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани екипи.