Крај на една блескава ера: Дибиров со два гола се збогуваше од ЛШ

Eкипата на Загреб денеска го одигра последниот натпревар во Лигата на шампионите, а овој дуел привлекуваше посебно внимание затоа што беше последен во најсилното клупско ракометно натпреварување за Дибиров кој на 42 години на крајот од сезоната ја завршува кариерата.

Загреб немаше шанси за пласман во следната фаза, па така комплетното внимание беше насочен кон Дибиров, а Кјелце на крајот славеше победа од 26-27.

Дибиров во својот последен натпревар постигна два гола, а во кариерата вкупно во најквалитетното клупско европско натпреварување постигна над 1.200 погодоци. Симболично во денешниот натпревар Дибиров го постигна и последниот гол во натпреварот за Загреб.

Во Лигата на шампионите одигра 21 сезона почнувајќи во Чеховски Медведи од каде што пристигна во Вардар каде што се задржа девет сезони и прерасна во вистински миленик на скопската публика, дресот на Загреб го облече во 2022 година.

На останатите две средби кои се играа во истиот термин Барселона го совлада Колштад со 36-27, а Магдебург дома го совлада ПИК Сегед со 31-24.