Напаѓачот на Палас по „обидот за убиство“ и 25-те конци: Зачудувачки – добро сум (ВИДЕО)

Фудбалерот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета, изјави дека се чувствува добро по бруталниот старт на голманот на Милвол, Лајам Робертс, за време на вчерашниот натпревар од ФА Купот.

Инцидентот се случи во осмата минута и предизвика шок на стадионот. Голманот на Милвол направи груб прекршок врз Матета, кој остана да лежи на теренот, речиси без свест. Французинот веднаш беше пренесен во болница, каде што му беа поставени 25 конци на расекотината на увото. Претседателот на Кристал Палас, Стив Периж, остро реагираше на потегот на Робертс.

„Ова не беше само опасен старт – тој можеше да го загрози животот на својот колега“, изјави Периж за Би-Би-Си.

Менаџерот на Кристал Палас, Оливер Гласнер, исто така, ја осуди интервенцијата на голманот на Милвол.

„Ова можеше да ја заврши кариерата на Матета“, изјави тој по натпреварот. Од друга страна, менаџерот на Милвол, Алекс Нил, го бранеше својот играч, тврдејќи дека Робертс немал намера да го повреди противникот.

Добрата вест пристигна во саботата навечер – Матета беше пуштен од болница по лекарската интервенција. Клубот објави дека сите прегледи се во ред и дека играчот се чувствува добро. По излегувањето од болница, напаѓачот на Палас се огласи преку социјалните мрежи.

„Зачудувачки се чувствувам подобро. Се надевам дека брзо ќе се вратам, посилен од кога било. Браво момци за победата!“, напиша тој.

Натпреварот заврши со убедлива победа на Кристал Палас од 3-0, со што тимот се пласираше во четвртфиналето на ФА Купот. Инцидентот со Матета продолжува да биде главна тема во фудбалските кругови, а некогашниот дефанзивец на Арсенал, Мартин Кион, го нарече стартот на Робертс „чист кунг-фу потег“. Судиската реакција дојде дури по интервенцијата на ВАР, по што голманот на Милвол доби црвен картон.