
Сега е дефинитивно: Перо Антиќ уништува традиција долга повеќе од 20 години!
Првиот човек на макбаскетот, Перо Антиќ, соочен со големо незадоволство од клубовите и со смена поддржана од речиси сите членки на Собранието, првпат во својот шестгодишен мандат реши воопшто да не организира избор на најдобрите, кој вообичаено се случуваше кон крајот на годината, а ретко до средината на јануари. Со оглед што утре почнува месецот во кој му завршува периодот во кој е заштитен од смена, јасно е дека ќе остане запишано дека тој ќе биде првиот претседател на КФМ во чиј мандат не се доделени признанијата на кошаркар(к)ите во дваесетина категории. Со ова, актерите на теренот се ограбени од можноста да им биде валоризиран учинокот и награден сиот труд и пот вложен низ тренинзите и натпреварите во 2024 година. Изборот е почнат во 2003 година, со пауза само двапати и тоа првата следната година кога КФМ беше без претседател и раководство по оставката на Драгољуб Арсовски на почетокот на годината и во 2020 година поради пандемијата со коронавирусот.
Ова секако зачудува со оглед што и самиот Антиќ дури шест пати бил добитник на награда на ваквите избори и тоа пет пати во категоријата најдобар кошаркар во странство и еднаш во апсолутна конкуренција. Како долгогодишен играч, троен европски шампион и прв Македонец во НБА дефинитивно зачудува неговата индолентност по ова прашање и своевидното казнување на тие што најмалку се виновни што клубовите изгубиле верба во неговите лидерски способност. Тоа најдобро се виде на Собранието одржано кон крајот на минатата година кога доби „црвен картон“ од дури 39 членки, додека имаше поддршка само од седум од нив. Иницијаторите чекаат месецов да измине мораториумот за промени според Статутот, па да звикаат нова средба за смена и за избор на ново раководство.
Антиќ периодов дополнително ги налути клубовите со отсуството од првите два дена на неодамнешната завршница од Купот на Македонија во Гевгелија, откако наместо да ги следи четврт-финалните и полуфиналните средби што му влегува во описот на работното место тој беше во Бања Лука на прослава на Денот на државноста на Србија и Република Српска.
ИЗБОР НА КОШАРКАРИ НА ГОДИНАТА
2003 - Александар Димитровски
2004 – не е прогласен поради немање раководство
2005 – Димче Тасовски / Тодор Гечевски
2006 – Тони Симиќ / Тодор Гечевски
2007 – Златко Гоцевски / Тодор Гечевски
2008 – Војдан Стојановски / Тодор Гечевски
2009 – Тони Симиќ / Тодор Гечевски
2010 – Дамјан Стојановски / Перо Антиќ
2011 – Војдан Стојановски / Лестер Мекејлеб
2012 – Тодор Гечевски / Перо Антиќ
2013 – Ѓорѓи Чековски / Перо Антиќ
2014 – Дамјан Стојановски / Перо Антиќ
2015 – Војдан Стојановски
2016 – Александар Костоски / Перо Антиќ
2017 – Перо Антиќ
2018 – Војдан Стојановски и Бојан Трајковски
2019 – Ненад Димитријевиќ
2020 – не е прогласен поради корона
2021 – Андреј Магдевски
2022 – Војдан Стојановски
2023 – Војдан Стојановски
2024 - ???????????